Филмот „49 172“ за спасувањето на бугарските Евреи денес се емитуваше во Europe House во Република Северна Македонија. Проекцијата беше во организација на Амбасадата на Бугарија во РСМ. Емитувањето на филмот е по повод 80-годишнината од спасувањето на околу 50.000 бугарски Евреи на кои им се заканувала депортација во нацистичка Германија за време на Втората светска војна, јавува Трибуна.

На настанот присуствуваа амбасадорот на Р.Бугарија во РС Македонија н.е. Ангел Ангелов, евроамбасадорот Дејвид Гир, австрискиот амбасадор Георг Вуцас, германската амбасадорка Петра Дрекслер и др.

Амбасадорот Ангелов рече дека во филмот станува збор за сите спасени Евреи од страна на Бугарија и изрази задоволство што добриот чин на земјата бил преточен во видео. Како што рече тој, „историскиот добар акт на државата кон Евреите треба да биде пример за солидарност, емпатија и толеранција за во иднина“.

Филмот е бугарско-израелско-американска продукција на режисерот Пламен Петков и продуцентот Атанас Колев. Сценарист е проф. Владимир Игнатовски кој ја следи драматичната приказна за спасувањето на бугарските Евреи, раскажана од преживеани сведоци на настаните. Во филмот беа презентирани уникатни документи, филмски и аудио архиви. За да го снимат „49.172“, авторите пристапиле до државните и приватните архиви во САД, Израел и Бугарија, вклучувајќи ги и оние на Стивен Спилберг и музејот на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим.

Филмот „49 172“ ја доби наградата од публиката за „Најдобар документарен филм“ на овогодинешниот Меѓународен филмски фестивал #SEEFest во Лос Анџелес, САД.