Министерот за правда Игор Филков остварил средба со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон, на која разговарале за билатералната соработка, поддршка за проектите за реформите во правосудството, борбата против организираниот криминал и реализација на стратешките цели за полноправното членство во ЕУ.

Министерот Филков, соопштија денеска од Министерството за правда, посочил дека претстои долг и тежок пат за имплементација на реформи во Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел враќање на довербата на граѓаните во правдата.

Амбасадорот Лосон изразил подготвеност за експертска помош за скенирање на состојбите и продлабочување на соработката за зајакнување на капацитетите на земјата во критичните области.

– Обединетото Кралство останува да биде наш најголем стратешки партнер, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО Алијансата и продлабочување на билатералната соработка во сферите од взаемен интерес, се наведува во соопштението.