Министерот за правда Игор Филков денеска се обрати на настанот „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството“, во организација на НКЕУ-МК, нагласувајќи дека развојот на квалитетни и транспарентни механизми за избор, унапредување и дисциплинска одговорност претставува клучен предуслов за ефикасен судски систем кој работи во служба на граѓаните.
„Непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото. Само преку нивно доследно почитување можеме да обезбедиме правна сигурност, заштита на човековите права и зголемување на довербата на јавноста во институциите“, истакна Филков.
Тој додаде дека обезбедувањето целосна независност и зголемувањето на ефикасноста на правосудството се јасен приоритет на Владата и Министерството за правда, при што во подготовката на новите законски решенија посебен фокус е ставен на изборните и дисциплинските механизми, во согласност со европските стандарди.
Филков информираше дека реформите во Судскиот совет веќе се реализираат. Со новиот закон, рече тој, се утврдени јасни критериуми за избор и разрешување, заострени се условите за професионално искуство и прецизиран е терминот „истакнат правник“.
„Воведени се јавни расправи при изборот на несудските членови, како и јавен и транспарентен оглас за членовите што ги избира Собранието. Детално е уредена дисциплинската постапка за членовите на Советот, со јасно дефинирани основи за одговорност и состав на дисциплинската комисија. Предвидена е и итна постапка за утврдување одговорност на судија или претседател на суд, која не може да трае подолго од шест месеци“, рече Филков.
Министерот изрази очекување дека Законот за јавно обвинителство наскоро ќе биде усвоен во Собранието. Тој кажа дека во него се вградени европски препораки, воведен е јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на јавните обвинители, како и прецизни рокови за постапките.
„Ги зајакнуваме гаранциите за самостојноста на обвинителите и прецизно ги ограничуваме условите под кои може да се даваат задолжителни писмени упатства. Надзорот го уредуваме системски, без мешање во конкретни предмети“, нагласи Филков.
Со законските измени, појасни тој, се предвидуваат и прецизни основи за престанок на функцијата, вклучително и во случаи на правосилна осуда за кривично дело против службената должност.
Дисциплинската постапка ќе мора да заврши во рок од шест месеци, а во посложени случаи најдоцна до девет месеци. Согласно препораките на ГРЕКО, се воведува градација на дисциплинските повреди на лесни, потешки и најтешки.
На последната седница Владата го усвои и новиот Закон за Советот на јавни обвинители. Со него се воведува повисок цензус и јасни критериуми за избор на членови од редот на обвинителите, како и транспарентна и инклузивна постапка за членовите што ги избира Собранието.
„Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори – туку процес заснован на заслуги, интегритет и професионалност. Секоја одлука на Советот – за избор, унапредување, дисциплинска одговорност или разрешување – ќе биде задолжително образложена и јавно објавена, со што транспарентноста станува законска обврска“, рече Филков.
Министерот истакна дека измените се резултат на констатирани слабости во правосудниот систем во изминатиот период, како што се долготрајни постапки, случаи на корупција, недоволна транспарентност и отсуство на ефективна одговорност.
„Со овие законски решенија директно ги адресираме овие проблеми. Подготвивме измени на триесеттина закони, од кои најголемиот дел се од суштинска важност за правосудството. Имаме можност да создадеме правосудство на кое сите ќе можеме да се потпреме – транспарентно, професионално и непристрасно“, истакна Филков.
Текстот Филков: Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на договори – туку процес заснован на заслуги е превземен од МАКФАКС.























