Министерот за правда, Игор Филков, стои зад вчерашните изјави дека неговиот претходник, Кренар Лога, пред да замине од функцијата со себе го зел класифицираниот документ со препораките за Судскиот совет изработен од оценската мисија на Европската комисија. Поранешниот министер Лога, по обвинувањето од Филков, на социјалните мрежи објави дека писмото е добиено по електорнски пат, а го добиле и останатите институции, а делот што бил класифициран само за министерот, е архивиран од службено лице во Министерството.
„Се што имав да кажам во врска со работата на мојот претходник кажав вчера и стојам зад тоа. Ја разбирам неговата нервоза, меѓутоа понатамошниот дијалог ќе се одвива пред надлежните органи“, кусо рече министерот Филков одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на канцеларијата на Комисијата за парична помош на жртви од кривично дело со насилство.
Лога вчера објави дека два дена по назначувањето на Филков, неколкупати го побарал за средба телефонски, преку СМС пораки и преку Кабинетот од каде го известиле дека тие ќе го побараат за средба, до која се уште не дошло.