Со изборот на новото раководство, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија влегува во ново поглавје на своето политичко делување. Во тимот на партијата внесовме свежина, енергија и позитивни промени кои ги бараа членовите и граѓаните. Под водство на претседателот Венко Филипче, партијата направи значителен исчекор со тим кој претежно се состои од нови лица, докажани професионалци со силен личен интегритет, знаење и искуство.
На првата седница на Централниот одбор, одржана во одлична и позитивна атмосфера, беа избрани членовите на Извршниот одбор, потпретседателите и генералниот секретар Александар Димитријевиќ. Потпретседатели се имињата на Кристина Костова, Менде Илиевски, екс министерката Каја Шукова и професорката Ана Чупевска. Оваа комбинација на млади, мотивирани луѓе и искусни професионалци претставува сигнал за нова насока во работењето на СДСМ.
„СДСМ го започнува процесот на консолидација на сите нивоа, со цел да допре до членовите и симпатизерите, да ги слушне нивните предлози и преку инклузивен процес да ја гради својата нова идеолошка платформа. Работата почнува веднаш со план за посета на сите општински организации“, истакна претседателот Филипче.
Новото раководство ја истакна својата решителност и веднаш се зафаќа со спроведување на конкретни активности. Веќе е подготвен план за работа, со посети на локалните организации и иницирање нови форми на комуникација кои ќе го доближат партиското раководство до членовите и симпатизерите. Промените во начинот на делување ќе бидат насочени кон оние кои останале настрана, со цел да се вклучат во широк и инклузивен процес на креирање политики.
Со оваа енергија, новиот тим и јасна визија, СДСМ покажува дека е подготвена да го врати довербата на граѓаните и да биде предводник на позитивните промени во општеството.