Министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето на Канал 5 зборуваше во пресрет на седницата на Владата, која утре треба да ги усвои новите мерки препорачани од Комисијата за заразни болести. Со нив се предвидува задолжителна вакцинација на сите медицински лица, односно здравствени работници, а вработените во јавниот сектор да имаат сертификат за најмалку една примена доза или да покажуваат негативен ПЦР тест, или потврда за прележан Ковид 19 за да одат на работа.

-Сите кои тргнуваат од принципите на медицината ги поддржуваат мерките. Уставот гарантира дека јавното здравје е пред сѐ.

Заштитата на сопственото здравје  и здравјето на другите е во Уставот во член 39, во Законот за работни односи во член 32.

Граѓаните мора да покажат одговорност, имајќи предвид дека целокупниот здравствен систем во овој момент е преоптеретен најмногу со невакцинирани пациенти.

Граѓаните мора да водат сметка не само за своите права, туку и за обврските кои ги имаат, а тоа е да го штитат сопственото здравје, здравјето на лицата околу нив, а со тоа и здравствениот систем, порачува Филипче.