Ситуацијата со британскиот сој на коронавирусот и неговото ширење се следи сериозно, вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој во изјава за ТВ24 вели дека доколку се случи да имаме бран од тој мутиран вид на коронавирус, односно од британскиот сој, тогаш ќе биде неминовно воведување на нови рестриктивни мерки.
Сепак, додава дека во моментов според ситуацијата нема потреба од такво нешто.
-Лично разговарав со претставници од Амбасадата на Велика Британија во земјава и сериозно ја следиме состојбата. Засега постојат две опции. Едната опција е бранот да се должи на мутацијата на вирусот, а тоа значи дека ќе треба да воведеме дополнителни рестриктивни мерки доколку забележиме дека бројот на заразени се зголемува. Втората опција е доколку станува збор за природен тек на епидемијата не само како резултат на мутацијата на вирусот. Засега нема потреба од воведување нови рестрикции, но будно ја следиме состојбата, изјави Филипче во гостувањето во Студио 10 на ТВ24.