Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не само што не ја рационализираше администрацијата, туку ја претвори во продолжена рака на партиските штабови. Вработувањата се политички награди, не резултат на квалитет и труд. Ова го истакна Венко Филипче на трибината „Македонија понижена – Една година Влада“.
– Ветуваа ред и рационализација во администрацијата. Ветуваа мерит-систем. Што добивме? Нови министерства, илјадници нови партиски вработувања, листи за вработување по штабови кои се споделуваат на социјалните мрежи, рече Филипче.
Тој нагласи дека партизацијата на институциите е официјализирана, а партиската книшка е главна квалификација за работа во државата.
– Нивните функционери отворено кажуваат дека вработувањата во болниците и секаде на друго место се само по партиска заслуга. Тоа го кажуваат гордо, без срам – како да е нормално, посочи Филипче.
Според него, администрацијата денес не е сервис на граѓаните, туку огледало на системот на ВМРО-ДПМНЕ.
– ВМРО-ДПМНЕ ја претвори администрацијата во огледало на нивниот систем: хаос под контрола, сервилност наместо компетентност, заклучи Филипче.