Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.

„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.

Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче./Макфакс

Текстот Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции е превземен од МАКФАКС.