Министерот за здравство во заминување Венко Филипче смета дека ниту поради омикрон сојот на Ковид-19, ниту поради кој било друг сој не треба да се прават дополнителни рестрикции.
– Сметам дека сите земји во светот треба да научат да живеат со општите превентивни правила и зголемување на степенот на вакцинација и тоа е излезот од оваа криза. Не може ние за секој еден сој, без разлика на карактеристиките се до оној момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки, изјави Филипче по посетата на Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир.
Според него, задолжителната вакцинација и мерките за патување и да не се преполнуваат затворените простории се сосем доволни.
Тој додаде дека олеснување за следниот министер за здравство е тоа што нема голем број пациенти во ковид-центрите.