Состојбата со болеста се смирува, епидемиолошката крива спласнува, а тоа го гледаме по бројот на новодијагностицирани случаи, веќе повеќе денови по ред се намалуваат, напиша денеска на својот фејсбук профил министерот за здравство, Венко Филипче, по редовниот утрински состанок со директорите на ковид-центрите.
На состанокот, била анализирана состојбата во изминатите 24 часа.
„Спласнува притисокот врз болниците, иако не се целосно ослободени голем број на одделенија, бидејќи карактеристично за овој бран е влошувањата кај пациентите да настапуваат малку покасно, па оттука циклусот на ослободување на болничките капацитети доаѓа 2-3 недели подоцна“, пишува министерот Филипче.
Филипче ги повика граѓаните да бидат максимално внимателни и во периодот што претстои.