Министерот Филипче потенцира дека вакцинацијата ќе почне со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје.
Филипче во изјавата на граничниот премин Табановце каде беа предадени првите вакцини од Србија, зрази благодарност до српската Влада што отстапија дел од нивните вакцини.
– Оваа криза покажа дека солидарноста е важна и дека не постојат граници. Ние сме целосно спремни, вакцините се веќе на пат да бидат сместени во соодветните фрижидери. После најавата во петокот вечерта на Фајзер, ние во текот на вчерашниот ден работевме. Го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србија. Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје, потенцираше Филипче.