Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изрази сочувство до семејствата кои изгубија најблиски и им посака брзо закрепнување на повредените.

„Со тешко срце ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е црн ден за Македонија. Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива болка за семејствата, за нивните пријатели, за сите нас. Во овој момент на длабока тага, сакам да изразам најискрено сочувство до семејствата кои изгубија најблиски и да им посакам брзо закрепнување на повредените. Во вакви моменти, единствено што е важно е солидарноста и поддршката. Ги повикувам сите институции, здравствените работници, но и целото општество да се обединиме во помошта за настраданите и нивните семејства. Како лекар, стојам на располагање за секој вид помош што можам да ја дадам во оваа тешка ситуација. Сега не е време за поделби, туку за обединување во тагата и во напорите да помогнеме“, напиша Филипче на ФБ.