Министерот за здравство Венко Филипче смета дека засега нема голем ризик од нов бран на пандемијата со Ковид-19, но порачува на внимателност и најавува забрзано темпо на вакцинација, во кој процес сега приоритет ќе имаат наставниците за да може да почнат со работа училиштата од наесен, за што веќе се финализираат протоколите.
-Засега нашата проценка, сите анализи што ги правиме состојбата во околните земји, укажува дека некој голем ризик од нов бран сега во скор временски период нема, но тоа не значи дека не треба да бидеме внимателни и будно да ја следиме состојбата. Има случаи на заразени граѓани дури и вакцинирани во некои земји со индискиот сој, а тоа што е добро е дека во огромен процент над 97, 98 проценти, тие случаи не бараат хоспитализација, што значи дека клиничката слика е послаба. Затоа сеги следи навистина едно навистина забрзано темпо на вакцинација ширум државата во сите пунктови, изјави денеска Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.
Филипче најави дека на вакцинација во наредниот период ќе бидат повикани организирано наставните кои поради тоа што работеа во домашни услови.
-Во однос на вкупниот број на наставници беа вакцинирани сите наставници кои работеа со физичко присуство, односно наставниците од прво до трето одделение. Тоа, посочи, е една третина од вкупниот број на вакцинирани наставници. На другите не дававме приоритет заради тоа што работеа во домашни услови. Сега по истиот систем на повикување, организирано ќе бидат вакцинирани други. Најприоритетна група се за да можат училиштата да почнат да работат, рече Филипче.
Како што најави претходно, в недела треба да пристигнат 500 илјади дози од вакцините против Ковид-19 „Синовак“ , а утре се очекуваат уште 100 илјади вакцини Фајзер преку Ковакс механизмот. Тие ќе се ќе се складираат во поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина. Очекува откако ќе биде добиена дозвола за пуштање на сериите во промет од Агенцијата за лекови вакцините тие да се дистрибуираат низ државата од почетокот на следната недела.
Министерството за здравство вчера информираше дека досега во државата вкупно се аплицирани 488.010 дози вакцини, а ревакцинирани се 206.163 граѓани. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 458.040 граѓани.