Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати пред членовите на градската организација на партијата во Скопје и ги критикуваше локалните и централните политики на ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче рече дека она што се случува во Скопје е најеклатантен пример на неспособноста, негрижата и корупцијата на власта.

Филипче рече дека пропаста на Скопје е директна последица на пропаднатите зделки меѓу Мицкоски и Арсовска, на блокадите од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на политичката калкулација на Владата која, и покрај тоа што има механизми, свесно го остава градот да се распаѓа.

„Скопјани не смеат да заборават дека Скопје тоне четири години заради пропаднатите бизнис зделки на Мицкоски со Арсовска. ВМРО-ДПМНЕ го држи Скопје во заложништво. Нивните функционери и советници од градот четири години немаат друга работа освен да попречуваат, блокираат и се расправаат со Арсовска. Скопје е најдобар пример за тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ, со прст не мрдаат ако од тоа немаат личен и политички интерес. За ова треба да бидат казнети на локалните избори“, истакна Филипче.

Тој се осврна и на Трајко Славески, за кој рече дека како претседавач со Советот, не придонел со ништо за Скопје, но сепак бил награден од ВМРО-ДПМНЕ со функцијата гувернер на Народната банка.