Министерот за здравство Венко Филипче утрово се сретна со членовите на Комисијата за заразни болести како и со претседателката на Националниот комитет за имунизација проф.д-р Александра Гроздановска. Се разгледуваше епидемиолошката состојба, која како што е заклучено, од ден на ден станува посериозна.
-Менаџирањето на ситуацијата индицира сериозна потреба од одговорност од страна на граѓаните, особено од денеска кога на сила стапуваат новите мерки. Процесот на вакцинација се одвива непречено на сите пунктови низ државата и се надеваме дека овој тренд на зголемена заинтересираност и натаму ќе продолжи. Повикувам на максимално почитување на мерките, држење дистанца, редовно водење на лична хигиена и вклучување во процесот на имунизација. Вакцините штитат од тежок тек на болеста, од смртен исход и го отежнуваат неконтролираното ширење на вирусот, порача Филипче.