Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најавува дека до крајот на неделата ќе биде готова работна верзија на декларацијата за национален консензус за европската интеграција. На денешната прес-конференција, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја истакна суштината на овој чекор и испрати јасна порака до јавноста и политичките чинители.
„Кога станува збор за националните интереси, кога станува збор за врвните државни интереси, и стратегиска цел на нашата земја, тоа е Европската унија, тука ниту јас лично ниту сметаме дека тоа треба да е предмет на прекупување во дневната политика, не калкулираме, нема итроштини, не правиме никакви трикови“, рече тој.
Филипче порача дека очекува одговорен пристап од сите политички партии.
„Сметам дека доколку и ВМРО-ДПМНЕ и премиерот имаат ваков сериозен пристап кон темата, а не гледам причината да немаат, тогаш сметам дека ќе најдеме решение“, рече Филипче и додаде дека се работи на инклузивен и транспарентен процес.
„Документот се изработува, до крајот на неделата, верувам дека ќе имаме една работна верзија, ќе го прикажеме на многу чинители – на сите политички партии, на нашите стратешки партнери, на јавноста, на новинарите, нека даде мислење и експертската јавност, поради тоа што сметам дека со иднината на граѓаните не треба да калкулираме.“
Во однос на грижите во јавноста, Филипче истакна дека во ниту еден документ не се загрозени ниту националните интер.
„Мора сите политички чинители да седнат заедно на маса и да одредиме што е тоа, што јасно и гласно – еве во еден документ – може би цитирано од повеќе претходни документи, договори, резолуции, треба да го формализираме за да знаеме како ќе продолжиме напред и да ги информираме граѓаните за тоа“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче исто така предложи да се побара и поддршка од ЕУ во некои клучни делови од процесот.
„Да побараме помош, можеби, во тој документ, од Европската Унија, од Европската заедница, во делот на историската комисија, некои нивни експерти, нивно искуство. Како што реков вчера, најлошото е да не се прави ништо,“ заклучи лидерот на СДСМ.
Текстот Филипче: Работиме на документ за национален консензус, евроинтеграцијата не смее да биде жртва на дневната политика е превземен од МАКФАКС.