Министерот за здравство Венко Филипче на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања информира дека пред неколку месеци добил понуда од рускиот амбасадор во нашата земја Сергеј Баздникин за руската вакцина „Спутник V“, но таа тогаш била во третата фаза од клиничките испитувања, а процесот, кој гарантира нејзина безбедност, не бил целосно завршен.
Последните месеци тој процес заврши и таа влегува во еден од деловите на КОВАКС механизмот. Не како целосно одобрена. Меѓутоа, очигледно дека во официјалната група на сите производители преку КОВАКС ќе стигне и руската „Спутник V“. Значи, ние ќе можеме евентуално да ја добиеме и оваа вакцина со одлука на СЗО и на Гави алијансата, изјави Филипче.
Министерот потенцира дека не постоела ниту една можност да ја добиме руската вакцина во моментот кога првпат ни била понудена, оти не бил завршен процесот на клиничко испитување.
Тој информира дека со премиерот Зоран Заев денеска успеале да склучат договор со компанијата „Фајзер“, а првите вакцини треба да пристигнат во февруари.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.