Министерот за здравство и потпретседател на СДСМ Венко Филипче во вечерашното гостување на телевизија Канал 5, осврнувајќи се на најавената средба во Париз на премиерот Зоран Заев со францускиот претседател Емануел Макрон, рече дека тоа е доказ оти проевропските политики на земјава се признати од Европската Унија.
– Ќе видиме со какви резултати од разговорите ќе се врати премиерот, меѓутоа мислам дека тоа е доказ и признание за нашите проевропски политики. Кога на средби ве канат врвни европски политичари и лидери на Европската Унија, тоа значи дека нашите проевропски политики се признати. Точно е дека повеќе од деценија чекаме во чекалната на ЕУ, меѓутоа сега верувам дека процесите постепено созреваат, оцени Филипче.
Извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден, според Филипче, е добра порака. Од перспектива на државата, смета Филипче, важни се два моменти – прво што се споменува регионот што значи дека тој останува во фокусот на надворешната политика на САД и второ дека пораката е упатена кон ретроградните политички структури кои активно или пасивно ги поткопуваат евроинтегративните процеси.
– Тоа се политички фактори, политички партии, поединци кои активно и пасивно работат да ги поткопаат евроинтегративните процеси. Многу е ризично и несериозно да се постапува така, да се поткопуваат тие процеси и да се создава сомнеж дека има некаква позадина. Ова е јасна порака дека никој не може да си поигрува со тие процеси, рече Филипче.
Тој вели дека во СДСМ нема никаква загриженост околу наредбата на Бајден посебно во делот на корупцијата, затоа што, како што рече, за разлика од порано, сега нема никаква политичка заштита на поединци.
– Минатите 11 години за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ немаше ниту еден функционер кој беше во судски процес, кој беше осомничен. Тоа сега не е возможно. Сега секој си ја сноси одговорноста за тоа што го работи. погледнете колку судски процеси се отворија за актуелни функционери. Времето на неказнивост е одамна поминато, рече Филипче.