Министерот за здравство д-р Венко Филипче и претседателката на Комитетот за имунизација д-р Александра Грозданова, денеска присуствуваа на почетокот на процесот на вакцинација во земјава, каде први вакцината против КОВИД-19 ја примија двајца здравствени работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Станува збор за главната сестра Габриела Темелковска и примариус д-р Добринка Наунова Јовановска – специјалист за неуроинфекции од инфективната клиника. Со денешното нивно вакцинирање практично започна имунизацијата против коронавирусот во земјава.
Во изјава за медиумите, министерот Филипче потенцираше дека главната сестра Темелковска и д-р Наунова Јовановска се дел од персоналот на Инфекивната клиника кои во изминатата година деноноќно работеа и се бореа за спасување на секој еден човечки живот.
Докторката Добринка и главната сестра Габриела се првите коишто ја примија вакцината на Фајзер. Денеска продолжува вакцинацијата на сите вработени на инфективната клиника, а следат и вработените во сите КОВИД центри, најпрво во Скопје: ГОБ 8 Септември, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники – сите коишто работеле и сѐ уште работат со ковид пациенти. Понатаму, за време на викендот и болниците ширум државата, како и приватните болници“, истакна Филипче.
Согласно вчерашниот разговор со претставници на компанијата Фајзер, министерот Филипче најави дека останатата количина на 4000 дози од Република Србија треба да пристигнат следната недела. Сите пријавени 4000 здравствени работници за првиот бран на вакцинација кои работат со КОВИД пациенти ќе бидат вакцинирани.
Ние ќе ја започнеме и кампањата за подигнување на свесноста за вакцинација. Многу е важно граѓаните да се свесни дека вакцините се безбедни, без разлика од кој производител доаѓаат, дека се развиени на безбедни платформи и ова е единствениот начин да ние ја смениме сликата на пандемијата, не само ние туку сите земји во светот. Системот добро функционира. Започнува со земање анамнестички податоци, краток преглед, административната работа, внесување на податоците за веќе закажаниот термин и закажување на следниот термин за ре-вакцинацијата после три недели и тоа интензивно се спремаше во овие изминати денови. Тука е поставена целата инфраструктура, дел од вакцините се чуваат и во овие фрижидери во модуларната болница. Може да седат до 5 дена на температура од 2 до 8 степени, после што се раствораат и во рок од 5 часа мора да се аплицираат на тие што ја примаат. Ова е еден систем којшто исто така беше дел од тренингот. Посакувам успешна имунизација, направивме организација – еднаш кога ќе започне имунизацијата да не запре. Ги очекуваме и следните количини според најавите и верувам дека во следните месеци ќе имаме навистина успешен процес на вакцинација, информираше Филипче.
За денешниот ден, предвидено е вакцинирање на 260 здравствени работници.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.