На Клиниката за хематологија заврши инсталацијата и обуката за работа на новиот проточен цитометар. Набавката на новиот апарат ќе ја унапреди и осовремени работата и ќе овозможи адекватно да се одговори на секојдневно зголемениот обем на работа, објави на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.
Лабораторијата за имунолошки анализи на Клиниката, како што посочува министерот, е единствена од овој вид во нашата држава и во неа се дијагностицираат и следат ефектите од терапија и спроведување на трансплантациите на пациентите со малигни хематолошки болести.
– Изминатите четири години Клиниката за хематологија е комплетно реновирана според европските стандарди и услови за хоспитализација. За првпат во нашата држава се воведени сите услуги од палетата на трансплантација, несродната, полуидентична и детските трансплантации. Набавена е нова опрема за процесот на трансплантација, апарат за крипорезервација-смрзнување на матични хематопетски клетки, апарат за оделување на клеточни продукти-афереза, како и апарат за фотофереза, со кој се лекуваат најтешките пострансплатациони компликации. Од минатата година, има и активна улога во прогностичката стратификација на тешките пациенти со Ковид-19, се одредуваат во периферната крв Т клеточните субсетови кај овие пациенти, напиша Филипче.
На персоналот на Клиниката лекарите и медицинските сестри Филипче им честита за вложениот труд, ентузијазам, тимска работа и професионалност во извршување на секојдневните интервенции, работејќи со извонредно тешка и вулнерабилна група на пациенти.