Во тек е трансплантација на срце која ја прават колегите кардиохирурзи д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев и д-р Никола Христов, откако претходно колегите од Клиниката за урологија д-р Сотир Ставридис, д-р Александар Трифуновски и д-р Виктор Станков ја завршија експлантацијата на бубрези, по што ќе следи трансплантација на органите кај пациенти, објави министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.
Да се надеваме на успех и да им држиме среќа, порача тој.
-Утрово во 6:33 часот започна процесот за третата трансплантација на срце во историјата на нашата земја. На двајца пациенти ќе им се трансплантираат бубрези. Доцна синоќа заедно со моите колеги Националната координаторка за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска тимот кардиохирурзи проф. д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев, д-р Тања Анѓушева ги направивме подготовките за трансплантација на срце и бубрези од мртов донор чие семејство даде согласност да се донираат органите на пациентот. На тимовите лекари кои ќе ги вршат трансплантациите им посакувам многу успех. Да им држиме среќа, напиша Филипче во својот статус на Фејсбук.