Да се бара сертификат за вакцинација доколку некој сака да присуствува на некој настан на отворено или затворено, е темата на која размислуваат македонските здравствени власти да воведат од есен со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Се размислува за евентуално воведување рестрикции од наесен за невакцинираните граѓани, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
– Нашите анализи покажуваат дека здравствениот персонал е вакциниран во висок процент. И ги чекаме анализите од опфатот на вакинација во градинките и училиштата. Свесни дека можеби и покрај тоа се што правиме нема да се зголеми интересот, затоа размислуваме за некаква форма на рестрикција. Не може да биде вакцинација задолжителна, за жал. Никаде во светот не е. И затоа мораме да размислуваме и за некои други алтернативни решенија – да се присуствува на настан со масовно присуство, дали на затворено дали на отворено, дали во кина или културни настани само со таков сертификат и можно е тоа да го препорачаме од есенските месеци за да го зголемиме опфатот – рече Филипче.
Според министерот, капацитетите за вакцинација се така димензионирани да може да се вакцинираат помеѓу десет и петнаесет илјади граѓани, кога имаше дадено термини.
-И гледајќи дека нема повеќе интерес преку системот за закажување, затоа ги отворивме пунктовите да се вакцинираат сите кои ќе покажат интерес. Нашата проценка е дека до крајот на месец јули околу 500 000 илјади луѓе ќе бидат вакцинирани со една доза и приближно толку ревакцинирани, рече Филипче.
Сепак, според него, тоа не е доволно бидејќи се јавуваат нови мутации – индискиот е еден од нив, кои се многу преносливи.
-Ние ги користиме сите механизми за интензивна кампања. И на терен здравствените домови со здравствените работници, објавите на местата каде ќе се врши теренската вакцинација. Буквално сите луѓе ако покажат интерес на лице место каде што ќе се затекнат, рече Филипче.
Според министерот, мора да им се оддаде признание на здравствените работници бидејќи дале се од себе процесот на вакцинација да биде организиран и да се спроведе.