Недозволиво е за една ваква сериозна работа да нема официјално соопштение од МВР.  Се добива впечаток дека некој сака да ја сокрие вистината. Апелираме во што поскоро време МВР да истражи што се случило и со вистински информации да ја информираат јавноста, граѓаните тоа го заслужуваат, изјави денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче, прашан за случајот на Скопскиот аеродром.

Тој рече дека има неколку верзии кои вчера се пренесуваа во медиумите, од Кабинетот на косовската претседателка случајот се опишува како дипломатски скандал, друг е ставот на собранискиот претседател Африм Гаши, а официјалното МВР никаде го нема.

-Сметам дека тоа е апсолутно недозволиво затоа што се добива впечаток дека некој сака да ја скрие вистината. Граѓаните тоа не го заслужуваат. Апелираме во што поскоро време МВР да истражи што се случило и вистински со вистински информации да ја информираат јавноста, граѓаните тоа го заслужуваат. Меѓутоа, мене ова не ме изненадува. Вакви дисонантни тонови, вакви различни ставови. Во изминатиот месец повеќе работи се случуваат. Од една страна, премиерот Мицкоски и министерот Николовски една работа кажуваат за пругата кон Бугарија, а министерот Муцунски нешто сосема друго. Премиерот кажува една работа за намалувањето на платите на функционерите, министерката Кочоска најавува дека ќе си оди ако се случи тоа, рече Филипче.

Според Филипче, во власта владее една голема конфузија.

Прашан дали смета дека владината коалиција е стабилна и дали ќе се исполни ветувањето за национално единство со оглед на тоа што таму постојат различни ставови, Филипче одговори дека ставовите и повиците за обединување, за национално единство не се само празни зборови што треба да се кажат.

-Ако ние одиме да остваруваме вистински потреби на граѓаните, да имплементираме такви политики, тоа треба да се покаже на дело. Ние поднесовме амандмани во Собранието за зголемување на платата на работниците согласно политиките коишто се спроведуваа изминатите години. Имавме сериозни состаноци со синдикатите, за жал синдикатите беа етикетирани дека остваруваат некакви партиски цели и партиски задачи што мислам дека е срамно да се етикетираат такви организации коишто ги претставуваат сите работници во земјата. Нашите амандмани беа одбиени, а тие амандмани беа да се зголемат платите и во образованието, и во здравството, да се дадат зголемувања на платите на работниците коишто сега се борат со пожарите – пожарникарите, одбраната, МВР, за жал тоа власта го одби, додаде Филипче.