Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска во изјава за медиумите истакна дека во Владата има спротивставени ставови за евроинтегративните процеси на Македонија и тоа е уште поголема причина за собраниска седница на која премиерот Мицкоски треба да ги каже плановите на Владата за напредокот на земјата. Филипче смета дека спротивставените ставови на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, се потврда за неспособноста на Владата да обезбеди јасен план за евроинтегративниот процес на државата.
„Многу најави има од премиерот за некаква поддршка од некои држави, за менување на преговарачката рамка, нешто што наводно би ја подобрило нашата положба во процесот на евроинтеграции. Меѓутоа сето тоа е обвиено со мистерија и не знаеме никакви детали. Премиерот има обврска тоа да го соопшти, прво пред Собранието, пред народните избраници а понатаму и пред граѓаните. Да знаеме, сега кога еднострано го запре евроинтегративниот пат, нешто за што сметам и ќе повторам, нема никакво право, ниту политичко, ниту етичко, морално, напротив има обврска пред граѓаните да го продолжи тој пат којшто го очекува огромно мнозинство на граѓаните, и потврдено преку огромната поддршка на граѓаните на сите анкети направени досега наназад. Тоа е местото каде што се дискутира“-изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Филипче истакна дека во Собранието треба да се расчистат овие „дисонантни тонови“, бидејќи тоа е местото каде што треба да се дискутира за иднината на државата и клучните прашања во врска со патот на Македонија кон Европската унија.
„Жалам што неговиот министер Муртезани го демантира во неговите најави и изјави дека наводно има некаква поддршка да се донесат уставни измени со одложено дејство. Самиот министер кажа дека воопшто во ЕУ во ниту една држава нема расположение за таква работа.Сметам дека тие конфузни изјави, тие дисонантни тонови во Владата коишто оставаат впечаток дека таму владее една целосно бесперспективност, мора да се расчистат во Собранието. Мора да знаеме кој е планот на Владата ако воопшто го има и како ние ќе го продолжиме евроинтегративниот пат“-изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој додаде дека СДСМ секојдневно покажува конструктивност по прашањето за продолжување на евроинтегративниот пат на државата, но за жал одговор од премиерот во таа насока нема.