-Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока. Тие не го „делат народот“ како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат.

– Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата, туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните, потенцира Филипче.

Тој апелира на максимална одогворност од сите, бидејќи делта сојот брзо се шири.

Оваа реакција на Филипче следува откако попладнево, одговарајќи на новинарско прашање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека ова се квази мерки и Владата и Филипче само ќе го поделат народот и дека ништо нема да помогнат во спречувањето на ширњето на вирусот.