Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната завршна прес-конференција пред изборниот молк и денот на гласањето, испрати порака до граѓаните да го поддржат СДСМ и кандидатите кои, како што кажа, покажаа дека знаат да работат искрено, чесно и посветено за интересите на своите сограѓани.
„Денеска е практично последен ден од кампањата за овие локални избори почнува изборниот молк, и би сакал да сумирам неколку работи и да упатам неколку пораки. Прво, упатувам честитки за сите наши кандидати кои се бореа за вториот круг, вкупно 17 општини. Покажаа што значи искрена борба, чесна борба, покажаа што значи директен контакт со граѓаните, покажаа што значи да се направат програми врз основа на сугестии, предлозите на граѓаните од своите средини и навистина истрчаа, би рекол, една добра кампања,“ истакна Филипче.
Тој додаде дека кандидатите на СДСМ се луѓе кои не ветуваат само пред избори, туку секојдневно се со своите сограѓани и ги слушаат нивните потреби.
„Овие кандидати се избор за сигурност, стабилност и одговорност за градоначалници кои ќе им служат на граѓаните, а не на партијата. Тие нема да одговараат пред мене, туку пред луѓето кои ги избрале,“ нагласи Филипче.
Претседателот на СДСМ Филипче исто така потсети на сите кандидати кои утре ќе се борат за довербата на граѓаните. Александар Трајановски во Аеродром, Перо Костадинов во Валандово, Гоце Милевски во Виница, Лазар Петров во Демир Капија, Ристо Џинев во Дојран, Ванчо Митев во Зрновци, Благој Илиев во Конче, Томе Христоски во Крушево, Ацо Велковски во Лозово, Соња Стаменкова во Македонска Каменица, Петар Мантев во Неготино, Драган Атанасов во Пробиштип, Даниел Крстевски во Ранковце, Стојан Николов во Росоман, Горанчо Крстев во Чешиново Облешево, Сашко Комненовиќ во Чучер Сандево и Горан Герасимовски во Центар.
„Утре граѓаните имаат шанса да изберат градоначалници кои ќе бидат со нив и после изборите. Луѓе кои работат за сите, кои ги знаат вистинските проблеми и имаат сила да ги решаваат. Затоа, мојата порака е јасна, гласајте за луѓе кои ќе бидат со вас и по 2 ноември, кои ќе работат во интерес на народот, а не на партиските централи,“ порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Текстот Филипче: Кандидатите на СДСМ се луѓе кои не ветуваат само пред избори, туку секојдневно се со своите сограѓани е превземен од МАКФАКС.
 
		