Министерот за здравство д-р Венко Филипче, изрази длабоко жалење до семејствата на починатите во катастрофалниот пожар кој синоќа избувна во модуларната болница во Тетово.
„Ова е тажен ден за нашата земја и огромна трагедија којашто не потресе сите нас. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите во оваа несреќа. Длабоко ме потресе она што се случи во Тетово. Од вчера и во текот на целата ноќ целокупните капацитети на Министерството и сите други институции се целосно мобилизирани за што побрзо да се утврдат на причините за оваа трагедија“, кажа Филипче.
Министерот посочи дека во истрагата на домашните експерти ќе им помогнат и експерти од странство, со цел спроведување на независна и темелна истрага. Тој, упати апел сите наоди од истрагата да бидат презентирани во јавноста и како што кажа тој, од одговорност никој нема да биде изземен доколку истрагата тоа го утврди.
„Во ковид-центарот во Тетово, за време на овој страотен настан биле хоспитализирани 26 пациенти. Телата на настраданите се предадени на Институтот за судска медицина. Починатите се на возраст од 29 до 79 години. Освен класичните обдукциони наоди, ќе се прават и анализи на ДНК за што се информирани и членовите на пациентите“, објасни министерот Филипче.
Во врска со прашањата поврзани со квалитетот и безбедноста на модуларните болници како и процесот на нивното поставување, Филипче посочи дека при самиот процес биле запазени строгите стандарди и постапки кои се предвидени при реализација на вакви проекти коишто се поддржани од Светска банка. Министерството за здравство, транспарентно и активно ќе соработува со истражните органи, Филипче апелираше тоа да го направат и да го прават сите други институции кои се дел од истрагата, затоа што е во заеднички интерес точно да се утврди што се случило.
„Што се однесува до самите болници и нивниот квалитет ќе кажам кратко дека нашиот внатрешен увид покажа дека сите вградени материјали во објектите има сертификат за материјалите и а-тест на електрична, водоводна и канализациона инсталација. За појаснување сѐ што е вградено од материјалите е со сертификат од производителот, а процесот на инсталација е со а-тестирање. Сето тоа е под надзор на акредитирана компанија што контролира дали се обезбедени сите сертификати за буквално секој материјал што се вградува во модуларната болница. По завршување на сите постапки, сите надзори и техничкиот прием, модуларниот центар се примопредава на болницата во градот, на понатамошно управување и одржување на објектот. Поставувањето на сите модуларни ковид-центри се по строгите критериуми и претходна согласност од Светска банка“, изјави Филипче.