Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека голем удел во бројот на новозаразени периодов се патниците кои доаѓаат од странство, а дали тие се носители на Делта-варијантата се утврдува дополнително.
– Најдобра заштита против коронавирусот и сите досега појавени мутации се вакцините, а ние не можеме вечно да живееме со рестрикции, вели Филипче во изјава за телевизија „Телма“ и затоа смета дека тоа е доволно за граѓаните да бидат свесни дека треба да се вакцинираат.
Тој уште еднаш повтори дека и покрај порастот на новозаразени, рестриктивни мерки засега нема да се воведуваат. Можни се евентуалните ограничувања воведени на есен и тоа наменети само за невакцинираните граѓани.
– Не може да ни се повтори сликата од лани со сите тие заострени ограничувања, вели министерот Филипче.
Вирусот во изминатата година е виновен за илјадници смртни случаи насекаде па и кај нас и министерот е со став дека смртноста е еднаква насекаде во регионот.
Во болниците се спроведуваат сите протоколи на лекување, уверува за „Телма“ министерот и дополни дека здравствениот систем и во моментов е подготвен да одговори на евентуален нов бран на зараза.