Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рече, јавен линч против него преку лаги, манипулации и црна кампања.

Филипче изјави дека секојдневно е цел на неосновани обвинувања, вклучувајќи тврдења за имот, патувања и споредби со убијци, оценувајќи дека ваквите напади ги надминале сите граници на политичка борба. Особено реагираше на обвинувањата поврзани со доктор Жан Митрев, нагласувајќи дека станува збор за тешки и невистинити наводи и најави тужби.

„Вчера, отидоа дотаму, да преку Жан Митрев, за кого како лекар не можам да кажам што мислам, ме обвинија за рекет за цела болница. Претераа. Ова веќе ги поминува сите можни граници. Што ќе смислат следно, утре ќе ме обвинат и за силување, за убиство? За што следно? Доста е веќе. Сега ќе ги тужам. Мојот одговор преку суд ќе го добијат и наредбодавачите и извршителот“, рече Филипче.

Го повика Жан Митрев да отиде кај обвинител и да поднесе Кривична пријава ако смее, па да одговара по Кривичен закон.

„Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета. Е, затоа власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди, за токму ова да го прави. ВМРО ја помина секоја граница и јас преку ова нема да поминам. Ова не е политика. Веројатно дефинитивно во Македонија на сите им се јасно што прават“, додаде Филипче.

Во обраќањето,  обвини дека власта намерно дефокусира од, како што ги нарече, вистинските проблеми – буџетскиот дефицит од две милијарди евра, ниските плати и пензии, прашањето со мигрантите, корупцијата, тендерските постапки и исплатите преку државни институции.

Тој оцени дека ваквата политика ја турка државата кон изолација и создава одбивност кај граѓаните кон политиката, наместо да се зборува за подобар животен стандард, европска иднина и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.

Текстот Филипче го повика Жан Митрев да оди кај обвинител и да поднесе кривична, најави и тужби: „Ова не е политика, сега ќе ги тужам“ е превземен од МАКФАКС.