Министерот за здравство д- р Венко Филипче денеска се сретна со Н.Е. Каролине Едштадлер, Сојузна Министерка за ЕУ и Устав на Австрија. На средбата двајцата соговорници ја потенцираа важноста на процесот на имунизација и заклучија дека недостатокот на вакцини е проблем со кој се соочуваат сите земји во светот. Сојузна Министерка за ЕУ и Устав на Австрија истакна дека и Австрија го има истиот тој проблем, потенцирајќи дека „никој не е безбеден додека сите не се безбедни“. На средбата Филипче и Едштадлер говореа и за сертификатите кои граѓаните треба да ги добијат по примањето на две вакцини за непречено движење надвор од границите и беше кажано дека сертификатот ќе биде предмет на взаемно договарање на двете земји, без ограничување со типот на вакцините.
-Интензивната соработка на нашата и австриската влада започна многу порано пред почетокот на ковид пандемијата. Владата на канцеларот Курц во форма на стручна бесплатна помош за развој и унапредување на здравствениот систем во нашата држава помогна во изработка на физибилити студија за изградба на новиот Клинички центар – истакна на средбата министерот Филипче.