Други ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во неговото обраќање на почетокот од 31. Конгрес што денеска се одржува во Скопје.
– Ние нудиме нешто друго, ниво, поинаку. Мора да понудиме засолништето од ова лудило. Нашата платформа и програма е договор со секој граѓанин. Ние нудиме економија на достоинство, економски патриотизам, економски модел во кој централна фигура е човекот и неговите потреби. Економска стратегија која се фокусира на тоа како парите кои вие ги плаќате во буџетот да се вратат повторно кај вас, преку повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, повисоки пензии, додаде претседателот на СДСМ.
Пред присутните, Филипче подвлече дека СДСМ се залага, не само за едноставна мала плата, туку за достоинствена плата за живот.
– Систем каде што профитот не е забранет, но, алчноста е одданочена. Враќањето на парите кај граѓаните – не преку лажни мерки, туку преку системски инвестиции во секој аспект на приходите и услугите кои вие како граѓани ги добивате од државата. За младите – држава дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила или на наши креативни млади умови. Ако може да работат за странски компании, нека работат тука. Нека работат од дома, но, во европски услови за кои ние ќе гарантираме. За пензионерите, престанок на милостината пред избори, гарантиран раст на пензиите кој ја следи инфлацијата за да не мора да бираат помеѓу лекови и храна. За работниците ќе бидиме штитот кој ќе ги брани од самоволието на газдите кои оваа сегашна власт ги штити. Нас повеќе од кога било, потребна ни е социјална држава, а таква држава може да обезбеди само СДСМ, дециден беше Филипче.
Отворениот дел од Конгресот на СДСМ заврши, сега е во тек делот што е затворен за јавноста.
Текстот Филипче: Други ја гледаат Македонија како плен е превземен од МАКФАКС.























