Десетина проценти од болните од ковид-19 кои се наоѓаат на болничко лекување се вакцинирани против вирусот со две дози, но тоа значи дека само 0,002 отсто од досега потврдените 600 илјади случаи на болеста во земјава се вакцинирани лица кои побарале лекарска помош, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Во врска со новите рестриктивни мерки, според кои без сертификат за примена барем една доза на вакцина не може да се влезе во угостителски објект ниту да се присуствува на организирани настани, Филипче нагласи дека целта на таквата мерка е да се стимулира вакцинација на населението бидејќи очигледно е дека вирусот најмногу се шири во местата во земјава каде процентот на вакцинирани е низок. Тој додаде дека и сите студии потврдуваат дека вакцината е единствената сигурна алатка за борба со вирусот во моментов, и дека единствено вакцините штитат од болеста или спречуваат тешки здравствени компликации и смртен исход.
На прашањето дали треба да се вакцинираат и лицата кои болеста ја прележале, а биле лекувани со крвна плазма, министерот рече дека без оглед на начинот на лекување, добро е и прележаните лица да бидат вакцинирани после еден месец од оздраввувањето.
„Затоа во мерките е нагласено дека се признава сертификат за прележана болест не постар од 45 дена, имајќи предвид дека оставаме 15 дена за да се пријави или организира вакцинацијата и на тие лица”, рече Филипче.
Тој предупреди дека како и вчера, и денешната статистика на Институтот за јавно здравје говори за околу илјада новодијагностицирани случаи на ковид-19, што според него, повторно укажува за потребата од масовна вакцинација.
„Поради зголемен притисок врз здравствениот систем, во функција се ставени капацитетите на ГОБ ‘8 Септември’, модуларната болница при Инфективната клиника, а подготвена е и болницата за рехабилитација во Козле”, рече минисстерот и информира дека од вчера попладнето притисокот врз болницата во Тетово е нешто намален, но дека и таму и во други болници се зголемува бројот на прегледи.
За мерките кои вчера ги донесе Владата, Филипче потсети дека без сертификат за примена вакцина или за прележана болест не може да се присуствува на места каде има гости или учесници на настани, единствената разлика, рече, е дека треба да се организира редарска служба таму каде што има над 30 посетители.
Тој не можеше да одговори на прашањето дали и вработените во трговските молови кои не се вакцинирани нема да можат да одат на работа, оставајќи ги тие технички и други логични прашања на инспекциските служби.