Министерот за здравство Венко Филипче, во изјава за телевизија Сител, денеска повторно ги повика граѓаните да ја сфатат работата со Ковид-19 многу сериозно и потсети дека нема ниту еден аргумент зошто тие не би се вакцинирале и дека тоа е единствениот начин да се постигне колективен имунитет и да бидеме заштитени.
„Ризикот да се добие Ковид-19 е многу висок. Сега, со есенските месеци, ризик-факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории, затоа апелирам граѓаните да ја сфатат оваа работа многу сериозно,“ рече Филипче.
„Сега имаме пандемија, вирус којшто многу се шири кај невакцинираните граѓани. Огромен процент од вкупниот број на дијагностицирани пациенти, над 87-87 се невакцинирани, исто така, од вкупниот број на починати, близу 90 проценти се невакцинирани граѓани,“ рече министерот.
Филипче потенцираше дека таму каде опфатот со вакцинација е низок, преоптоварен е и здравствениот систем, и обратно – онаму каде што има опфат со вакцинација, е прилично висок, како во Охрид, Неготино, Кавадарци, Вевчани, Штип, каде што болниците можат да функционираат само во рамките на инфективните одделенија.
Министерот, на прашањето за третата доза вакцина, истакна оти најверојатно трета доза вакцина ќе биде потребна за сите граѓани.
„Очекуваме да излезат клиничките студии кои што ги прави компанијата „Фајзер”. Според укажувањата и најавите, таа трета доза многу веројатно ќе биде потребна за сите граѓани, но сеуште е рано, чекаме да излезат официјалните студии и потоа да излеземе со соодветна препорака“ вели Филипче.