Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера го посети Кочани каде зборуваше за мерките кои СДСМ ги предлага за подобрување на животниот стандард. Тој истакна дека партијата има конкретен предлог за зголемување на платите во приватниот сектор, без тоа да претставува дополнителен финансиски товар за работодавачите.
„Даваме предлог да се зголеми платата во приватниот сектор, а притоа придонесите да се замрзнат за да тоа не биде терет на приватните работодавачи. И тоа се некаде 400.000 луѓе кои што треба да имаат зголемување според нашите пресметки помеѓу 3.000 и 15.000 денари. И ако земеме просек 7.500 денари зголемување на плата, вкупно тие 400.000 вработени во приватниот сектор годишно ќе добијат 585 милиони евра. 585 милиони евра директно во џебот на вработените годишно“.
Претседателот на СДСМ, Филипче истакна дека оваа мерка е од корист не само за работниците, туку и за државата.
„Каков ќар ќе има државата со оглед на тоа дека придонесите ќе бидат замрзнати? 10% од данокот на приход ќе донесе 58,5 милиони евра во буџетот. Ем луѓето повеќе приходи, ем нема да биде терет на работодавачи, ем ќар од тој дел на данокот за државата“.