Филхармонија на Република Северна Македонија ќе треба сериозно да ја објасни својата постапка да им одобри на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ да ја одржат својата конвенција во големата сала на објектот, а да го одбие најстариот и најреномиран фестивал на детската песна „Златно славејче“, да го организира своето годинешно издание во истата зграда на Филхармонијата.
Пишува: Зоран Бојаровски
Националната Установа Филхармонија на Република Северна Македонија ќе треба сериозно да ја објасни својата постапка да им одобри на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ да ја одржат својата конвенција во големата сала на објектот, а да го одбие најстариот и најреномиран фестивал на детската песна „Златно славејче“, да го организира своето годинешно издание во истата зграда на Филхармонијата.
Рацин.мк разговараше со директорката на НУ Филхармонија, Тина Иванова, и таа ни рече дека отстапувањето на салата или на другите простории на Филхармонијата е дел од редовната пракса на установата, и дека се спроведува согласно одлуките за секое барање во координација со Управниот одбор на НУ Филхармонија на Република Северна Македонија.
За да биде доследно до крај новинарската постапка, Рацин.мк се јави и се допишуваше со Претседателката на УО на Филхармонија Зорица Каракутовска, и таа не извести дека за овој настан, во организација на ВМРО-ДПМНЕ, до УО на установата „барање за ваков настан не е пристигнато“.
Сакавме да ја прашаме Каракутовска за малку повеќе образложение зошто УО на Филхармонија на 31 јануари 2023 година, во Годишниот извештај за својата работа до Министерството за култура известува дека донеле одлука дека „овој фестивал (Златно славејче), како и слични други, не треба да се одржуваат во овој простор“, но таа повеќе не одговараше на нашите пораки и јавувања.
Сакавме, и останува и понатаму потребата јавноста да знае зошто ВМРО-ДПМНЕ може, а „Златно славејче“ не може да има ист третман во пристапот и користењето на салата и други делови од Филхармонијата. Особено за еден фестивал на детската песна со традиција од повеќе од 50 години и на чии песни растеа, и што е уште поважно се воспитуваа исто толку геренации.
Не сакаме да тврдиме дека тоа е единствената причина, но како за Филхармонија да е важна само бојате на парите ако веќе е познат и фактот дека оваа национална установа им го одбила гостопримството на голем број културни установи и организатори, откако одбила да го прифати дописот на Министерството за култура да им ги отстапи салите (големата и малата) за да се реализираат настаните одбрени со годишната програма.
Со оваа ситуација се соочија многу организатори на културни и музички настани, кои, сега додека не биде изградена Универзална сала, се упатени единствено на НУ Филхармонија, како единствен објект кој ги задоволува условите за музичко-сценски настани.
Сега станува уште понеразбирлив отпорот на НУ Филхармонија да го прифати НУ Џез оркестар и тоа како привремен „кираџија“ во својот објект, освен ако зад ова категорично „не“ не стои повторно лукративниот интерес, бидејќи на тој начин, ако Џез оркестарот почне со проби и со концерти во истата зграда, Филхармонија нема да може да наплати за отстапување на салите.
Или можеби политичкиот? Таму очигледно преовладуваат интересите за кои не е прифатлив јавниот интерес, што е особено видливо и по реакцијата на Синдикатот на Филхармонија на интервјуто на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во кое таа уште еднаш укажува на тоа дека се работи се недоразбирање, и повика да се „најде начин да се почитуваме и помагаме едни со други многу повеќе“, дека за прашањето за „простор и опрема лесно се решава“ и дека станува збор за времено решение, односно сместување на НУ Џез окркестар.
Оттаму многу јасно се гледа кој има конструктивен пристап и добра волја, а кој се води од некои други интереси кои немаат ништо со солидарноста во фелата.
Во таа смисла, џабе се сите протести, па дури и оние кои треба да претпоставиме дека произлегуваат од некоја креативност, па на министерката ѝ се праќа порака со „Реквиемот“ на Моцарт, во кој, за жал, многумина препознаа алузија „посмртниот марш“. Дури и ако е точно ова второто, тогаш е чист плагијат како настан и како идеја зашто такви настани веќе се правеа во 2005 година за време на „заробената држава“.