Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави денеска дека во моментов се подготвува список на лица кои административно ќе бидат протерани од територијата на Словачка во врска со обидите за пуч.

Тој во емисијата „Саботни дијалози“ на телевизијата СТВР најави дека протерувањето ќе биде извршено „во следните неколку дена“.

Според него, петочните протести во неколку словачки градови биле организирани врз основа на „лагата“ дека неговата влада сака да ја „извлече Словачка од Европската унија и НАТО“.

„Се испитуваат и финансиските текови, како сето тоа се финансирало, организирало и кој стои зад сето тоа. Тоа е глупост нон плус ултра“, рече Фицо.

Тој посочи дека проблем е „суверениот однос на власта“ во надворешнополитичките работи.

„Овие протести не се организирани 100 отсто од опозицијата, бидејќи оваа маса е поддржана од некој друг – невладините организации финансирани од странство како ‘Мир за Украина’. Идентификувавме група инструктори од неколку земји кои прецизно нарачуваат фабрикување приказни, повикување луѓе и организирање судири со полицијата за да почнат да ги окупираат владините институции“, тврди Фицо.

Тој додаде дека овој план е веќе објавен во медиумите, па може да зборува за него.

Како што оцени, „(украинскиот) модел на Евромајдан не е ништо ново“.

Фицо изјави дека групата странски ментори ја сочинуваат десетици луѓе.

„Утврдуваме кога влегле на територијата на Словачка, каде одат, што прават, бидејќи спроведуваат активности чија задача е да ја урнат оваа земја“, рече словачкиот премиер, додавајќи дека претседателот Петер Пелегрини побарал од него да го свика Советот за безбедност.

Тој истакна и дека нападот на катастарот не е случаен и дека целта е да се влее страв кај граѓаните дека ќе го загубат имотот.

„Овие луѓе лажат професионално, потпомогнати од опозицијата и антивладините медиуми“, вели Фицо.

Тој изјави дека во петокот имало масовен сајбер напад врз ДСЗ, чија цел, како што тврди, била да се извлечат лични податоци од осигурителната компанија.

„Не сакам никој да ја поткопува Словачка само затоа што не му се допаѓа мислењето на владата за Украина“, предупреди Фицо.

Тој нагласи дека не планира да поднесе оставка во врска со протестите и дека за резултатите од изборите не одлучуваат улиците, туку парламентарните, „а ако има промена на власта, тогаш тоа треба да бидат избори – дали вонредни или редовни“.