Словачкиот премиер, Роберт Фицо, упати ултиматум до Киев, со кој најавува дека Словачка ќе ги прекине итните испораки електрична енергија за Украина ако до понеделник не се обнови транзитот на нафта кон земјата. Со ова се дополнително заоструваат веќе напнатите односи меѓу двете држави.
„Ако украинскиот претседател до понеделник не го обнови снабдувањето со нафта за Словачка, истиот ден ќе побарам од надлежните словачки компании да ги запрат итните испораки електрична енергија за Украина“, изјави Фицо.
Тој го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека се однесува злонамерно кон Братислава и дека не го цени мировниот пристап на Словачка. Фицо истакна дека Украина најпрво ја запрела испораката на гас, што, според него, предизвикало штета од 500 милиони евра годишно, а потоа и испораката на нафта, создавајќи дополнителни економски и логистички проблеми.
Премиерот нагласи дека Словачка од почетокот на војната ѝ помага на Украина, прифаќајќи околу 180.000 украински државјани, обезбедувајќи хуманитарна помош и организирајќи заеднички состаноци на владите.
„Словачка прави многу повеќе од некои други земји“, рече Фицо.
Тој додаде дека односите не можат да бидат еднострана улица и дека Словачка како суверена и горда држава не може да прифати однос од кој единствено Украина има корист.
Текстот Фицо ѝ се закани на Украина: Ако не добиеме нафта до понеделник, ќе ви ја исклучиме струјата е превземен од МАКФАКС.























