Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука најголемиот успех – пласманот на македонската репрезентација на Европското првенство 2020 да го награди со исплата на најголемата премија во историјата на македонскиот спорт.
Фудбалерите и стручниот штаб во А репрезентацијата на Македонија добиваат четири милиони и двесте илјади евра вкупна премија за пласманот на Европското првенство..
Репрезентативците и стручниот штаб веќе инкасираа близу еден милион евра за освоеното прво место во групата „Д“ од Лига на нации и квалификациите за ЕУРО 2020.
Со денешната одлука на Управниот одбор на ФФМ, до крајот од годината, федерацијата ќе им исплати сума од три милиони и двесте илјади евра за обезбеденото место на македонската репрезентација на Европското првенство.
Управниот одбор ги усвои предложените критериуми за распределба на наградата, изготвени од директорот на А репрезентацијата во консултација со селекторот и капитенот на македонската репрезентација.
– Кога ќе погледнеме што сѐ Фудбалската федерација на Македонија доживеа и оствари во 2020. година, навистина има на што да бидеме горди. Македонската репрезентација ја обедини целата држава и ни ја донесе најголемата фудбалска радост од осамостојувањето. Капитенот Пандев и сите репрезентативци апсолутно ја заслужуваат паричната награда. Во сите тие моменти на патот до пласманот на Европското првенство, кога фудбалерите играа и се бореа за нашата фудбалска историја , никогаш не се размислуваше за пари. Но, сега е моментот, Управниот одбор да го цени успехот и да се обидеме и на овој начин да дадеме признание и да влијаеме позитивно на понатамошната атмосферата во репрезентацијата. Знам дека времињата се тешки, но Фудбалската федерација ќе продолжи да работи и горди сме на сѐ што заработивме и сѐ што плативме. На капитенот Пандев и соиграчите им посакувам многу среќа во новиот квалификациски циклус и повторно да ја одведат Македонија на големо натпреварување – изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Воедно се донесени и следните одлуки:
– Управниот одбор на ФФМ на денешната седница донесе одлука за распределба на средствата од УЕФА солидарен фонд на клубовите од МФЛ од натпреварувачката сезона 2019/2020 за развој на младинскиот фудбал;
– Управниот одбор на ФФМ го усвои Правилникот за лиценцирање во УЕФА натпреварувања на клубовите од ЖМФЛ;
– Управниот одбор на ФФМ ги усвои пропозициите за претквалификацискиот турнир за одредување на македонските претставници за е-ЕУРО 2021 во квалификациите за е-ЕУРО 2021. Турнирот ќе се организира во соработка со македонската Еспорт федерација;