Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука секој клуб од Првата женска лига да добие финансиска помош во висина од 10.000 илјади долари во денарска противвредност како поддршка од „Куќа на фудбалот“ за административни потреби (закуп и оддржување на терени, тренери, подготовки и слично) на 15. клубови од 1 ЖМФЛ.
– Во насока на создавање на стратегијата за развој на женскиот фудбал на овој начин даваме дополнителна поддршка и поттик за женските клубови од Првата лига да продолжат со напредокот преку оваа помош пред сѐ во логистичка смисла. Нашата федерација навистина се труди и издвојува средства за развој на женскиот фудбал, но треба да бидеме реални – клубовите се темел за подобри резлутати и со поголема ангажираност и сериозност во работата ќе придонесат за напредок во иднина.
Клучно за сите нас е да напредуваме од година во година, женскиот фудбал е специфичен, посебно кога се работи со млади категории, но важно е да покажеме дека се третира на вистинско ниво и ќе продолжиме во таа насока – изјави генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
Начинот на трошење на средствата кои ги добијат клубовите ќе бидат предмет на преглед и проверка од независни ревизорски куќи.
Фудбалската федерација на Македонија за првата половина од натпреварувачката сезона 2020/21 целосно ги подмири и трошоците за патувања на екипите од лигата во женска конкуренција, а исто така ги покрива и целосните трошоци за официјалните лица на натпреварите од ЖМФЛ.