Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, се обрати на Глобалната конференција на ООН за користење на податоците во мерењето на корупцијата, која се одржува во седиштето на Обединетите нации во Њујорк. Настанот ги обединува високи претставници на земјите-членки, меѓународни организации и експерти од областа.

Во своето обраќање, заменик-претседателот Фетаи истакна дека борбата против корупцијата бара пристап заснован на факти, јасни листи на ризици и постојана институционална будност. Потенцирајќи ја важноста на точните и доверливи податоци, тој нагласи дека „корупцијата не се бори со претпоставки, со интуиција или со повремени интервенции, туку со факти, со институционална будност и со непоколеблива посветеност на јавниот интерес“.

Во овој контекст, Фетаи додаде дека „податоците не се само технички инструмент, туку и демократски инструмент кој ја зајакнува надзорната функција, ја насочува јавната дебата и го зацврстува општествениот договор меѓу државата и граѓанинот“.

Заменик-претседателот нагласи дека Република Северна Македонија останува посветена на зајакнувањето на институционалниот интегритет и усвојувањето на меѓународните стандарди за мерење на корупцијата, како дел од агендата за добро владеење и модернизацијата на јавната администрација.

Текстот Фетаи во ООН: Борбата против корупцијата бара пристап заснован на факти и постојана институционална будност е превземен од МАКФАКС.