Во Битола почнува третото издание на фестивалот „Малата школа на краткиот филм“, наменет за ученици од основните училишта во Битола, Новаци и Бач.

Целта на фестивалот е едукација, филмска писменост, поттикнување на учениците да зборуваат, да ги изразат своите чувства, емоции, да го развиваат своето критичко размислување и да се зголеми свеста за кинематографската уметност, информираа организаторите на фестивалот.

Програмирани се кратки филмови, прилагодени на возраста на учениците, разновидни по нивните форми, анимирани филмови, фикција, документарци, експериментални, обработените теми и нивното географско потекло и секогаш во оригинална верзија, титлувани на македонски јазик.

За време на фестивалот во Битола ќе се реализираат три програми за ученици на возраст од 9 д 11 години и за ученици на возраст од 11 до 14 години. За првпат годинава, на средношколската публика ќе и бидат претставени и кратките филмови, избрани и наградени од нивните врсници од францускиот град  Нанси за време на 29-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, со кој претседава македонскиот новинар Тони Гламчевски. Фестивалот од Нанси со својата делокализација во Битола промовира ширење на кинематографската уметност и пристап до културата за сите. Мисија која е блиску до срцето на целиот наставен тим на La Petite École du Film Court, кој во текот на годината организира работилници со цел обука за подигање на свеста за слики и звук, работилници за програмирање, училишен фестивал, сесии на млада публика на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси.

Фестивалот ќе заврши на 3 ноември, и е во рамки на програмата за одбележувањето на 4-ти Ноември – денот на ослободувањето на Битола. Сите проекции се бесплатни и се одржуваат во НУ Центар за култура Битола, партнер на фестивалот се Француската алијанса од Битола и Француското конзуларно претставништво во Битола.