Местото каде живееме и начинот на кој живееме влијае врз нашето здравје, енергијата, односите со другите луѓе, расположението, концентрацијата, а со самото тоа и на општиот успех и задоволство во животот.
Примената на древната кинеска вештина – фенг шуи, која се занимава со животниот простор, е сè почеста, со тоа што просечен човек најголемиот дел од животот го поминува во затворен простор.
Фенг шуи претставува обемна и комплексна наука на уредување на животниот простор со што се ослободува енергијата околу нас и во нас со цел се да се доведе во хармонија. Совршено уредениот простор, според фенг шуи, не е ниту празен ниту натрупан, па енергијата во него слободно се движи.
Најважен дел во кујната е шпоретот, и неговата положба најмногу влијае на приготвувањето на храната. Неповолните позиции за шпорет се: зад вратата, под прозорецот, ако не е доволно осветлен и без слободен простор напред. Добро е да се постави на место од кое имате поглед на целата просторија. Но, најважно од сè е подрачјето околу шпоретот да биде добро осветлено и вентилирано. Сето тоа влијае на квалитетот на приготвената храна, што се одразува на виталноста и активноста на членовите на семејството.
Поради тоа што храната е примарен извор на човековата сила, уредувањето на кујната во склад со принципите со фенг шуи е клучно за здравјето на сите домашни членови. Идеално гледано, кујната никогаш не би требало да се наоѓа во средината на домот, особено не на југозапад. Најдобра локација е или во задниот дел на домот или на една негова страна. Сè во кујната треба да биде достапно, просторијата треба да биде светла и доволно широка за да овозможи непречено движење. Не смее да биде натрупано со кујнски елементи – садовите за храна и кујнските помагала ставете ги на полици или во кујнските елементи.
Вратата на кујната треба постојано да биде затворена бидејќи погледот на отворена врата асоцира на глад. Кошницата за отпадок треба да биде сместена под лавабото, а пожелно е да има и капак.
Плутата и дрвото се, според фенг шуи, идеални материјали за кујнскиот под. Облози од нераѓосувачко железо и керамичките плочки можат да предизвикаат брза енергија, што не е добро ако во кујната поминувате многу време, бидејќи може да ве исцрпи. Сите работи коишто не се користат треба да се отстранат – надвор треба да бидат оставени само оние работи со кои секојдневно ракувате.
Сè што е скршено или оштетено, на пример чашите, садовите, лонците, фрлете ги. И сè друго што е расипано, како вратата која чкрипи, славината која тече, апаратите кои не работат треба да се поправат, а ако тоа не е возможно, тогаш да се исфрли од домот.
Сите остри предмети – ножевите, ножиците и отворачите чувајте ги во фиоки.
Шпоретот во фенг шуи претставува и благосостојба (изобилство), бидејќи ако јадеме квалитетно приготвена храна, ќе имаме доволно енергија и добро ќе работиме, а со тоа и повеќе ќе заработуваме. Имајте на ум дека шпоретот и лавабото, поради тоа што претставуваат два различни елементи (оган односно вода), не би смееле да бидат еден покрај друг.
Црвената боја отвора апетит
И боите имаат свое место во фенг шуи. Идеална боја за кујната е белата, бидејќи симболизира чистота на храната, а меѓу најсоодветните спаѓаат и пастелните – боите на ванила и праска. Во трпезаријата, која треба да биде малку оддалечена од кујната, би требало да има повеќе црвена боја бидејќи поттикнува апетит, повикува на дружење и разговор, а масата треба да биде со заоблени рабови и агли.