Националната федерација на фармери на самиот почеток на жетвата бара минималната цена на пченицата да биде 13 денари по килограм, а доколку производната цена е повисока од откупна да се постапи согласно Законот за земјоделство и рурален развој, односно да се спроведе интервентен откуп.
На ваков начин, како што посочува Федерацијата, ќе се заштитат малите производители на пченица кои во најголем дел ја произведуваат пченицата, односно од вкупно 105.061 земјоделски стопанства, 104.853 се земјоделци кои произведуваат пченица на површина од два до четир хектари, а 208 се деловни субјекти.
Од Федерацијата бараат и зачестени контроли на откупните пунктови посебно во делот на издавање на кантарни белешки, склучување договори и почитување на берзанските откупни цени на пченицата.
За да не се доведе државата во ситуација да нема резерва на пченица, од Федерацијата препорачуваат Агенцијата за стокови резерви да излезе со информација колку резерви со пченица има и да спроведе постапка за откуп на пченица во текот на самата жетва.
Според анализите направени од Федерацијата, најголем проблем со кои се соочувуваат земјоделците се климатските промени, односно брзите промени на температурата и сушата, како и продажната цена.
– Македонското производство на пченица едвај преживува, бидејќи не постои систем на гарантиран откуп и навремена исплата, ниту планска сеидба или договорно производство, а ретко се прави и интервентен откуп, иако постои законска можност. Сето ова доведува до намалена употреба на современи технологии и инвестиции во производството и го прави овој потсектор еден од најпогодените (иако е единствениот стратешки), посочува Мемет Синани, тим лидер на потсекторската група за пченица во Националната федерација на фармери.
Според статистичките показатели, производството на пченица опаѓа од година во година. За период од последните 19 години, производството е опаднато за просечни 20 проценти.