Помина цела недела откако ја отворивме најголемата политичко-финансиска афера во поновата историја на Македонија. Една недела Али Ахмети и ДУИ се во тотален молк. Една недела се надеваат дека со криење вистината ќе исчезне, посочи Беким Фазлиу од „Вреди“.

„Мислеа дека ако поднесеме иницијатива до Антикорупциската комисија, ние ќе застанеме и ќе чекаме. Се излажаа. Досега знаевме дека фантом-фирмата на фамилијата Ахмети, „АС Сењак“, напумпана со милиони евра народни пари од тендери, служела како посредник за префрлање на акциите на Сашо Мијалков во рацете на српската Алта Банка.

Но, денес го отвораме новото поглавје од оваа афера.

Фирмата „АС Сењак“ не е само обична компанија. Таа е центар на една бизнис-пајажина, фирма-мајка која поседува удели и во други компании.

Истражувајќи ја таа пајажина, дојдовме до застрашувачко откритие. Една од фирмите во која „АС Сењак“ на фамилијата Ахмети е сопственик, земала кредит директно од Алта Банка од Белград!
На 9 Јуни 2025 година, преку компанија во која Ас Сењак е ко-сопственик, се подигнати 5.000.000 Евра кредит од Алта Банка. За истиот кредит, фирмата е обврзана да доставува редовни пријави и известувања кон Народната Банка на Србија.
Да биде кристално јасно: не зборуваме за продажбата на акциите од пред дваесетина дена. Зборуваме за претходна, директна финансиска инјекција од банката на српскиот режим во бизнис-империјата на Али Ахмети“.

Ова, додава Фазлиу, целосно ја руши тезата дека можеби се работело за некаков изолиран, еднократен бизнис-договор. Ова докажува, оценува тој, дека соработката, довербата и финансиските врски меѓу фамилијата Ахмети и банката на Вучиќ постоеле и пред оваа афера.

„Продажбата на акциите на Мијалков не била почеток, туку само продолжение или можеби круна на една веќе воспоставена, тајна соработка. Парите од Белград веќе течеле кон фирмите на Ахмети.

Ова отвора нови, уште посериозни прашања на кои Али Ахмети веќе не смее да молчи:
Али Ахмети, од кога точно датира вашата соработка со банката на режимот на Александар Вучиќ? Кога е земен овој кредит и за што се искористени тие пари?
Дали продажбата на акциите од Стопанска Банка Битола беше можеби начин да се врати овој кредит или дел од некоја поголема зделка што допрва ќе ја дознаеме?
Со што е гарантиран тој кредит? Со имот, со политичко влијание, или со ветување дека ќе ги распродавате националните интереси на Албанците?
Колку вкупно пари од српскиот режим се влезени во фирмите на вашата фамилија? Дали е ова единствениот кредит или има и други“.

Според Фазлиу, тоа не е само политичка корупција, туку финансиска зависност од центри кои отворено работат против интересите на Албанците и на нашата држава.

Додека, како што нагласува, глумат патриотизам пред камерите, зад сцената склучувале зделки и земале кредити од оние против кои наводно се борат.

„Нивниот молк повеќе не е опција. Секој ден молк е само потврда дека се фатени живи во криминал и предавство. Вистината мора да излезе на виделина во целост“.

Текстот Фазлиу: Фирмата „АС Сењак“ на Ахмети е центар на бизнис-пајажина е превземен од МАКФАКС.