„Фатон Фазлиу од Алтернатива и испрати порака на Алијансата на Албанците. На фејсбук тој напиша дека ‘кога ќе соберат 57 потписи четворицата пратеници на Алтернатива ќе бидат за пет минути во Собранието’. Тој дополнува дека не би барале ниту министер, бидејќи, како што вели, целта е да се формира Влада без ДУИ.“ – пренесе ТВ 21, како и весникот на албански јазик „Лајм“ во својата информација со наслов „Алтернатива и порача на Алијансата на Албанците: соберете 57 потписи, Алтернатива за пет минути ќе ја урне Владата!“
„Лајм“ ја пренесува целосно објавата на Фатон Фазлиу, кој е, инаку, член на Централното претседателство на партијата Алтернатива:
„Кога ќе имате 57 пратеници, четворицата пратеници на Алтернатива ќе ги имате таму, во Парламентот, за пет минути. Се дотогаш ќе примаме критики само од нашите искрени другари од Алијансата на Албанците, кои се покажуваат како конструктивни, бидејќи знаат добро каква е реалноста. Не ги прифаќаме критиките од оние што самите си ги грабнуваат пратениците една ноќ пред да падне Владата.“
Инаку, се поставува прашање: дали е ова пресврт во преговорите на Алтернатива со СДСМ, иако по вчерашната средба на Заев и Африм Гаши, лидерот на Алтернатива, беше соопштено дека двете партии и двата лидера се договориле за програмскиот концепт и оти претстои уште само поделбата на министерските и директорските места во Владата?