Процесите за членство во ЕУ не треба да се „национализираат“ и билатералните прашања не треба да се ставаат на преден план како пречка за процесите за членство, вели турскиот заменик министер за надворешни работи задолжен за Балканот и за прашања поврзани со Европската Унија, Фарук Кајмакчи во интервју за МИА во врска со бугарската блокада на стартот на преговорите за членството на Северна Македонија во ЕУ.
– Секогаш сме ја поддржувале интеграцијата на Северна Македонија во европските и евроатлантските институции. Се надеваме дека пристапните преговори со ЕУ ќе започнат што е можно поскоро. Турција, која секогаш стоеше до Северна Македонија уште од нејзината независност, ќе продолжи да ја поддржува својата пријателска Македонија, истакнува Кајмакчи.
За прашањата поврзани со руско-украинската криза, Кајмакчи наведува дека на 29 март првпат беше постигнат значаен напредок на средбите одржани во Истанбул меѓу преговарачките делегации, но сепак случувањата на терен по средбата придонесоа за заглавување во преговарачкиот процес.
– Решение на проблемот ќе биде можно само преку дијалог и дипломатија, дека нема да има победници во оваа војна, туку ако војната се пролонгира ќе изгуби народот. Дополнително, продолжувањето на војната експоненцијално ќе ги зголеми негативните ефекти кои веќе почнаа да се чувствуваат насекаде низ светот на полето на енергетиката, земјоделството, трговијата и транспортот, смета Кајмакчи.
Во врска со билатералните односи на Турција со Северна Македонија поврзани со трговската размена меѓу двете земји, Кајмакчи потенцира дека продолжуваат преговорите започнати минатата година за ажурирање на Договорот за слободна трговија, за зголемување на трговијата со опфат на земјоделските производи и секторот на угостителство, со што би се зголемил и обемот на трговска размена и повеќе турски инвеститори ќе се свртат кон земјава.
– Задоволство ни е да забележиме дека турските компании покажуваат интерес за отворените тендери во областите како што се соларната енергија, автопатот, железницата и изградбата на брани, вели заменик-шефот на турската дипломатија.
Во продолжение следи интегралното интервју со турскиот заменик министер за надворешни работи Фарук Кајмакчи.
На 26 август се навршуваат 30 години од воспоставување на билатералните односи меѓу Турција и Северна Македонија. Турција беше една од првите земји која ги призна независноста и суверенитетот на тогашна Република Македонија под уставното име, а сега сме сојузници во НАТО. Неодамнешно истражување потврди дека за Македонците – Турција е повторно во врвот на најпријателски земји. Како вие ги оценувате билатералните односи и каде гледате простор за нивно продлабочување?
Како што знаете, ние, како народи на земји што делат иста географска територија, имаме многу богата заедничка историја која датира со векови наназад и на која сме горди. Турците спаѓаат во домородните народи на Балканот, како и во Македонија, и тие се еден од народите што ја изградиле културата на оваа територија. Македонските Турци, како еден од рамноправните и основачки народи на оваа земја, имаат голема улога во обезбедувањето на солидарноста и хармонијата меѓу заедниците што ја сочинуваат Северна Македонија. Во овој контекст, сметаме дека е важно да се разгледаат приговорите на македонските Турци во врска со пописот. Македонската турска заедница отсекогаш имала посебно место во градењето силни врски меѓу нашите земји.
Со задоволство би сакал да изразам дека имаме многу трајни односи меѓу Турција и Северна Македонија. Имаме добра соработка на политички, економски, културен и воен план. Заедничката волја за натамошен развој на нашите билатерални односи, причинува големо задоволство.
Секогаш сме ја поддржувале интеграцијата на Северна Македонија во европските и евроатлантските институции. Се надеваме дека пристапните преговори со ЕУ ќе започнат што е можно поскоро.
Турција, која секогаш стоеше до Северна Македонија уште од нејзината независност, ќе продолжи да ја поддржува својата пријателска Македонија.
Обемот на трговска размена меѓу Северна Македонија и Турција во 2021 година достигна околу 660 милиони евра, што е раст за 38,9 отсто во споредба со 2020 година. Какви се можностите за зголемување на трговската размена и во кои сектори може да се прошири економската соработка?
Го цениме постигнатото ниво во трговскиот обем меѓу нашите земји од минатата година и го охрабруваме неговото продолжување. Продолжуваат преговорите кои започнаа минатата година за ажурирање на Договорот за слободна трговија за зголемување на трговијата со покривање на земјоделските производи и секторот на угостителство. Со ажурирање на Договорот, ќе се зголеми и обемот на трговија и повеќе турски инвеститори ќе се свртат кон Северна Македонија.
Задоволство ни е да забележиме дека турските компании покажуваат интерес за отворените тендери во областите како што се соларната енергија, автопатот, железницата и изградбата на брани.
Турција игра клучна улога како посредник во руско-украинската криза. Дали има напредок во напорите за решавање на кризата или евентуално ставање крај на руската инвазија во Украина?
Нападот на Русија врз Украина, што претставува јасно кршење на меѓународното право е неприфатлив. Во тој поглед, обезбедуваме секаков вид на поддршка на Украина, како во билатералните односи, така и на меѓународни платформи.
Од друга страна, сметаме дека решението на проблемот ќе биде можно само преку дијалог и дипломатија, дека нема да има победници во оваа војна, туку ако војната се пролонгира ќе изгуби народот. Дополнително, продолжувањето на војната експоненцијално ќе ги зголеми негативните ефекти кои веќе почнаа да се чувствуваат насекаде низ светот на полето на енергетиката, земјоделството, трговијата и транспортот. Со овие сфаќања, ние како Турција водиме интензивни дипломатски комуникации со двете страни, со цел повторно да се воспостави мир во Украина. Во овој контекст, на страните им ја даваме нашата најдобра поддршка за олеснување на преговарачкиот процес од самиот почеток. Впрочем, на 29 март, за првпат беше постигнат значаен напредок на средбите одржани во Истанбул меѓу преговарачките делегации. Сепак, случувањата на терен по средбата засега предизвикаа заглавување во преговарачкиот процес.
Блокирањето на дипломатските патишта носи повеќе смрт, уништување и нестабилност. Никој нема корист од оваа ситуација. Доколку искрено се посакува мир, сметаме дека решение за проблемот може да се најде со дијалог и со дипломатија.
Турција и Балканот имаат силни историски, културни, политички и економски врски. Турција има значајни инвестиции на Балканот во повеќе сфери, а под закуп зеде и повеќе аеродроми. Која е визијата на Турција кога се во прашање балканските земји и билатералните односи со земјите поединечно?
Како што споменавте и вие, Турција има длабоко вкоренети историски, хуманитарни и културни врски со Балканот. Во Турција има милиони граѓани со балканско потекло. Како во Северна Македонија, така и во регионот има густо население од сродни и роднински заедници. Во тој контекст, нашата главна визија на Балканот е да ја зачуваме атмосферата на мир и стабилност и да го зголемиме просперитетот на регионот. Во согласност со оваа основна цел, нашата земја дава големо значење и работи во насока на развивање на комуникациска и транспортна инфраструктура кои се неопходни за одржлив развој во регионот, на консолидирање на економските и трговските врски на балканските земји како со Турција, така и меѓу себе врз основа на взаемна корист, како и за воспоставувањето амбиент на општествено спокојство со тоа што мирот и стабилноста ќе станат трајни. Притоа, даваме приоритет на принципите на „инклузивност“ и „преземање на регионална одговорност“.
Освен тоа, го поддржуваме членството во НАТО и ЕУ на земјите од регионот за да се обезбеди постојан мир и стабилност во регионот. Од друга страна, обидите на ЕУ за поделбата на Турција и „Западен Балкан“ во својата политика на проширување се непријатни за нас. Турција е составен дел на Балканот и земја кандидат за членство во ЕУ. Треба да се избегнуваат такви вештачки дистинкции што ЕУ се обидува да ги создаде.
Како официјална Анкара гледа на иницијативата „Отворен Балкан“?
Во контекст на нашата политика кон Балканот, ги поддржуваме иницијативите и проектите за соработка меѓу земјите од регионот во рамките на принципите на „инклузивност“ и „регионална сопственост“, на кои им придаваме важност. Во овој контекст, ние не сме против иницијативата „Отворен Балкан“. Сепак, оваа иницијатива не ја гледаме како алтернатива на ЕУ.
Покрај тоа што Турција прави големи напори како посредник за ставање крај на руско-украинската криза, дали би можело да се очекува такво турско посредништво и кога станува збор за односите помеѓу Србија и Косово?
Го поддржуваме процесот на дијалог Белград-Приштина. Постигнувањето траен мир и стабилност во регионот е директно поврзано со напредокот што треба да се постигне во овој процес. Турција има блиски односи и со Косово и со Србија. Во нашите контакти со двете земји, ги изразуваме нашите очекувања дека споровите ќе се решаваат со дијалог и дека ќе има конструктивен пристап кон проблемите.
Исто така, нашите ставови во оваа насока и ги искажуваме и на ЕУ, која има улога на посредник во процесот. Специјалниот претставник на ЕУ за процесот на дијалог Белград-Приштина и за Западниот Балкан, Мирослав Лајчак реализираше средби во Анкара. Нашиот почитуван министер Чавушоглу го прими. И јас разговарав со господинот Лајчак. Ние му ги пренесовме нашите ставови. Секогаш сме подготвени директно да придонесеме во преговорите, доколку има такво барање од страните.
Процесот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ е блокиран од Бугарија. Како го оценувате актуелниот спор со Бугарија и каква поддршка може да очекуваме од Турција во тој однос?
Како принцип, сметаме дека процесите за членство во ЕУ не треба да се „национализираат“и дека билатералните прашања не треба да се ставаат на преден план како пречка за процесите за членство. Турција има блиски односи и со Бугарија и со Северна Македонија, а имаме сонародници кои живеат во двете земји. Го поддржуваме процесот на дијалог воспоставен меѓу Северна Македонија и Бугарија во контекст на процесот на пристапување за членство во ЕУ и се надеваме дека двете земји ќе можат да постигнат договор. Би било корисно и за ЕУ да преземе поефикасна и поправедна улога во овој контекст и да не дозволи да се „национализира“ политиката на проширување.
Што мислите за идејата за раздвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон Брисел? Гледате ли во тоа некаква опасност од евентуален конфликт во регионот, како што сугерираат некои аналитичари?
Процесите за членство на земјите кандидати, во принцип, зависат од нивниот напредок. Важно е да се постигне напредок во процесите за членство во ЕУ и на Северна Македонија и на Албанија. Двете земји презедоа важни чекори кон членството во ЕУ. Меѓутоа, неуспехот на напредокот на процесите за членство на овие земји од различни причини ја поткопува довербата во ЕУ во регионот и предизвикува ЕУ да го губи својот кредибилитет. Особено по случувањата во Украина, зголемени се очекувањата на земјите од регионот од ЕУ. ЕУ треба да ги исполни овие очекувања и да ги преземе неопходните чекори за да ги забрза процесите за членство. Кандидатот кој ќе има побрз и поголем напредок ќе го преземе водството. ЕУ треба сама да ги процени техничките прописи во врска со ова. Она што е важно овде е да се обезбеди интеграција на регионот во ЕУ.
Турција уште во 1999 година доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Какво е расположението во Турција во однос на членството во ЕУ? Мислите ли дека и Северна Македонија ја очекува слична судбина како Турција?
Пред се, се надевам дека Северна Македонија нема да ја сподели истата судбина со Турција.
Односите Турција-ЕУ се долгогодишни, повеќедимензионални и важни за безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашата заедничка географија. Членството во ЕУ продолжува да биде стратешка цел за нашата земја. Како Турција, одржувајќи ја нашата перспектива за членство, ние сме подготвени да ги развиваме нашите односи со ЕУ преку конкретна позитивна агенда. Последните случувања и актуелните предизвици во нашиот регион, исто така, ја потврдуваат важноста на Турција за ЕУ на секое поле, од безбедноста до енергетиката. Меѓутоа, во сегашната фаза, позитивната агенда предложена од ЕУ не може да оди подалеку од контакти и ограничени случувања за некои технички прашања. За воспоставување на напредок што треба да се постигне од перспективата за членство, треба да се стави крај на тесноградите и националните политички пречки.
Неспорна е важноста од учеството во семејството на ЕУ на сите балкански земји, вклучително и на Турција. Интеграцијата на регионот во евроатлантските институции без никаква дискриминација е еден од главните приоритети на нашата политика кон регионот. Пристапувањето на Турција, Северна Македонија и другите балкански земји во ЕУ е политичка и економска потреба за ЕУ. Сега веќе стана стратешка неопходност. Наша најискрена желба е со оживување на политиката на проширување како една од најмоќните алатки на ЕУ, да се исполнат сите процедури преку отворање или продолжување на преговорите со сите кандидати.
Што мислите за идеите за ЕУ во три круга или три брзини – односно Европска Унија каде земјите би имале различно ниво на интегрираност?
Тоа се концепти за кои долго време се разговара во рамките на ЕУ. Тие и ќе продолжат да се појавуваат од време на време. Последниот пат и францускиот претседател Макрон зборуваше во Европска политичка заедница. Најпрво би сакал да истакнам дека нашата цел како Турција е целосна интеграција. За Турција, членството во ЕУ е прашање на припадност, идентитет и суверенитет.
Од друга страна, различните модели на интеграција не се само прашања на проширување. Исто така, станува збор и за рамнотежа меѓу постојните членки и моделот на односи што ЕУ сака да го воспостави. Секоја земја членка нема исто ниво на интеграција во сите области или исто право на глас. Се работи за диференцирана интеграција во Еврозоната, Шенген зоната, безбедноста, одбраната и надворешната политика.
Глобалната епидемија на Ковид-19 и војната Русија-Украина им покажаа на земјите членки на ЕУ дека заедничкото дејствување на секое поле им овозможува да бидат посилни и поотпорни. Данска, која на времето имаше одлучено да развие одбранбени политики независни од ЕУ, размислува да направи радикална промена во својата безбедносна политика и со нов референдум да направи чекор назад од оваа одлука.
Диференцираната интеграција или Европската политичка заедница може да биде привлечна за земјите кандидати доколку придонесе за процесите на полноправно членство на земјите кандидати и им дава еднаква застапеност и право на глас во полињата на соработка во кои се вклучени.