Од денеска е достапен нов македонски веб магазин trn.mk кој има за мисија да го пополни празниот простор со теми од културата, уметноста, младинските политики и активизам, но и промоција на зелени политики, технологија и наука.

Тимот на Трн верува во важноста публиката да биде добро и целосно информирана. „Ние отвораме и ви испорачуваме низа содржини кои се информативни, возбудливи, човечни и кои ве предизвикуваат да се прашувате, да мислите и да сонувате.

Содржини кои некогаш ќе ве поместат од вашата удобност за да ви ја доближат вистината, а друг пат ќе ви го поттикнат адреналинот и ќе ви го направат денот подобар. Тимот на Трн денес ве кани да го искусите ова возбудливо патување, со цел утре фанзинот да ви стане алтернативно четиво во секојдневието.

Трн промовира општествени и културни вредности, зелени политики, технологии, човекови слободи, здрави начини на живот, праведност, хуманост и креативност. Трн – те боцка и кога не сакаш!