Можеби се работеше за присуството на нивниот легендарен тренер Арсен Венгер на трибините првпат од 2018 година, можеби се работеше за добра „освеженост“ по Светското првенство, но Арсенал како да сакаше да покаже дека нема намера да го препушти првото место на табелата во Премиерлигата во празничниот меч со Вест хем.

Advertisements

Не им пречеше ниту тоа што губеа со 1:0 по првите 45 минути, за да комплетираат одличен камбек за 3:1 победа за фантастична предност од 8 поени пред второпласираниот Њукасл и големи 11 поени пред шампионот Манчестер сити (иако тимот на Пеп Гвардиола има меч помалку).

На Букајо Сака му беа потребни само пет минути да ја затресе мрежата на „чеканите“, но голот беше поништен поради офсајд, пред Вест хем да дојде во водство во 27. минута од мечот. По еден фаул над Џерод Боуен во шестнаесетникот, Саид Бенрама без мака го совлада Ремсдејл за 0:1.

Камбекот на „топчиите“ почна во 53. минута, кога голот на Сака овојпат не беше поништен, за само пет минути подоцна, Габриел Мартинели да постигне прекрасен гол за 2:1. „Точка“ на мечот стави Еди Нкетија, човекот кој треба да го замени повредениот Габриел Жесус во 69. минута од мечот за убав празничен почеток на „Емирати“.

Прикажи повеќе