Потребата од доизградба и модернизација на патната мрежа низ државата е суштинска потреба заради брз економски развој, како и интеграција на транспортниот сектор со ЕУ. Транспортните политики на државата мора да се засноваат на интеграција со регионот, како и поврзување на регионот со земјите членки на Европската Унија. Токму затоа изградбата на коридорите 8 и 10 е стратешка определба усвоена и во Националата транспортна стратегија 2018-2030.
Нашата држава со својата географска позиција има стратешка улога во јакнење на економскиот раст на Регионот преку развој на инфраструктурата на двата Коридори 8 и 10. Искористувањето на таквата позиција покрај економските придобивки има и политичко значење во процесот на позиционирање на земјата како неизбежна транспортна рута.
Зошто треба да се променат некои законски решенија?
Промената на законските решенија, означува единствено доуредување на постоечки закони со кои ќе се обезбеди побрзо и поквалитетно изведување на стратешки проекти како што е и изградбата на коридорите 8 и 10д. Нема ништо спорно ниту избрзано, овие решенија се долгоочекувани и треба да обезбедат поедноставно делување во иднина.
Со овие измени, се поедоноставуваат процедури кои ќе го олеснат делувањето. Ова не е непознат процес. Така беше и кога се изменија правилниците и законското решение со кое се овозможи олеснето поставување на фотоволтаци на објекти. Истиот процес е и сега.
Измените на законите се единствeно за ажурирање на детектираните точки кои досега оневозможувале да се движат работите побрзо
„За пример да го земеме патот Кичево-Охрид за кој буквално преку 25% од проектот беше репроектиран. Со постоечките законски решенија беа потребни 5 години за да се изменат проектите, да се измени трасата, да се проектираат клучките и да се завршат експропријациите на земјиштето. Со овие измени, овие процеси се забрзуваат, но ниту една измена не е на штета на граѓаните. Градбата не само на овие проекти од коридорот 8 и 10д, туку и на идните државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи, како и други градби од јавен интерес кои како проекти од стартешко национално значење ќе бидат утврдени со посебен закон, истите ќе можат да се реализираат со олеснети административни процедури, но секако на крај секој од овие проекти ќе мора да добие одобрение за употреба од Министерството за транспорт и врски со цел да биде ставен во функција“, брифираат владини функционери.
Факти за Договорот за изградба
Договорот со Бехтел и Енка е потпишан (8 март 2023 година) врз основа на посебен закон, изгласан од пратениците во македонското Собрание, со почитување на сите законски процедури, а потпишувањето беше јавно.
Проценетата сума на Договорот склучен согласно посебниот закон, е на 1,3 милијарди евра. Оваа вредност е врз основа на претпоставените количини што треба да се вградат во изградбата на автопатите. Овие претпоставени количини и цените се добиени од трасата на Бехтел и Енка и физибилити студијата што ја изработи Гранд Тортон, а е потврдена и ревидирана од Градежен факултет.
Изведбата на делниците во рамки на Коридорите, се прави по истиот принцип по кој се направени најмодерните автопатишта што ги градеше исто овој конзорциум и во Косово, Албанија, Хрватска, Црна Гора и други земји.
Факти за Надзорот
Како што истакнуваат од Владата, Комисијата за избор евалуирала три понуди за надзор, при што било одлучено како најповолна во оваа постапка да биде избрана онаа на ИРД Инженеринг, на износ од 22,3 милиони евра.
Оваа сума во споредба со цени на надзори на други инфраструктурни проекти за патишта со цената на чинење на надзорот за реализацијата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д е неколкукратно помала.
Неколку примери од дома
За изградба на патниот правец Кичево – Охрид за надзорот се исплатени 17,5 милиони евра. Или во проценти, врз основа на договорот за изградба што изнесува 598 милиони евра, изнесува некаде околу 2,93 отсто од вредноста на изградбата на патот.
За надзорот што се вршел за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, биле платени 11 милиони евра. Договорот за изградба чинел 216 милиони евра, што од вкупната вредност на договорот изнесува 5,07 отсто за надзор.
За автопатот Миладиновци – Штип, изградбата чинела 177,3 милиони евра, додека вредноста за надзорот изнесувала 6,35 милиони евра или 3,58 отсто од вкупната вредност на градбата.
Споредба со цени во регионот
- Изградбата на автопатот во Србија, Просек – Димитровград / Коридор 10, чинела 350 милиони евра, а надзорот – 19,24 милиони евра или 19,24 отсто од вкупната вредност на автопатот.
- Изградбата на другиот проект во Србија, автопатот Моравски коридор Појате – Прељина, чинела 740 милиони евра, а надзорот – 20 милиони евра или 2,7 отсто од вредноста на автопатот.
- Автопатот Прњавор – Добој, во Босна и Херцеговина, чинел близу 199 милони евра, надзорот наплатил 7,43 милиони евра или 3,7 отсто од вкупната инвестиција.
- Автопатот Подгорица – Матешево ја чинел Црна Гора речиси 810 милиони евра. Надзорот за автопатот чинел 22,6 милиони евра, што изнесува 2,8 отсто од вкупниот износ.
- Изградбата на втопатот Решен – Калимаш во Албанија чинела 820 милиони евра, надзорот наплатил 15 милиони евра, или 1,8 отсто од вкупната инвестиција.
Проценетата вредност на инвестицијата за изградба на Коридорот 8 и на Коридорот 10д, изнесува 1,3 милијарди евра. Вредноста на надзорот е 22,3 милиони или 1,69 отсто од вредноста на договорот, што е, како што нагласуваат експертите, под просекот за надзор на вакви проекти во светски рамки. Тие додаваат дека јавна, европска и светска пракса е изборот на надзорот на вакви проекти да се движи од три до четири отсто од вкупната вредност на изградбата.
Тајност на документот
Договорот со Бехтел и Енка како и секој договор од овој вид подразбира и приватност и доверливост.
Тоа не е ништо ново ни изненадувачко. Тоа го има секој еден договор потпишан помеѓу било која Влада со било која меѓународна голема мултинационална компанија, во кој што одредени делови на самата компанија мора да бидат доверливи. Во случајов, се работи за странски, сериозни компании, и ова е праксата и на другите договори кои овие реномирани светски компании ги практикувале и во други земји. Тие доверливи информации се однесуваат на технологијата на работа на договорната страна, на начинот на нивните пресметки, тоа се клаузули кои секоја светска компанија од ваков висок ранг ги користи, за да го заштити својот проект од конкуренцијата, тоа не е криминал и корупција. Такви договори има и во Технолошко-индустриските развојни зони со компании кои котираат на берза, а такви се и договорите со ЕБОР.
Ова не е прв ваков Договор кај нас, и секоја сериозна Влада треба да ги почитува деловните тајни на компаниите, но тоа во никој случај не значи дека Владата треба да крие нешто што е од интерес на јавноста, нешто што би имало негативни ефекти врз граѓаните.
Клучните елементи од Договорот кои се од интерес на јавноста, никогаш не биле тајна, како што е вредноста на Договорот, начинот на реализација на Договорот, како ќе се трошат парите на граѓаните .
Факт е дела Владата предводена од СДСМ за прв пат ги воведе алатките за отчетност во делот на менаџирање со јавните финансии/Буџетот, и како што ветуваат, планираат да останат доследни на овие принципи.
„Секој денар што ќе биде потрошен за изградбата на автопатите, ќе биде објавен на „Отворени финансии“ и граѓаните како и за се друго и за овој стратешки проект, ќе можат да видат колку пари се трошат. Договорот за изградба на овие два коридори е изготвен врз основа на правилата на Црвен Фидик, каде се утврдени обврските на двете договорни страни. Односно износот на средства ќе се утврдува со измерени изведени количини од коридорот, кои Надзорот односно ЈП за државни патишта ќе ги потврдува. Тоа значи дека точно ќе се знае колку материјал и по кој цена ќе се вградува во изградбата за секоја позиција и секоја фактура прво треба да ја одобри надзорот, па потоа фактурите се испраќаат до ЈПДП за одобрување и дури потоа се врши исплата“, брифираат владини функционери.
Пратениците на 115. седница ја изгласаа потребата по скратена постапка да се донесат неколку закони поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д.
Пратениците ги усвоија предлог законите, чиј предлагач е Владата, за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи, сите по скратена постапка.
Овие закони се со европско знаменце и ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања.
Превземено од Фронтлине.мк